Најмалку осум лица го загубиле животот, а уште 30 биле повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила рано утринава во северозападниот дел на Пакистан. Во несреќата учествувале патнички автобус и камион, соопштиле локалните спасувачки служби.
Судирот се случил во провинцијата Хајбер-Пахтунхва, во близина на клучката Хавелијан, која се наоѓа во областа Аботабад.
Според првичните информации, автобусот се движел на релација од северниот град Гилгит кон Равалпинди, град во источниот дел на земјата, кога од засега непознати причини се судрил со камионот. Веста ја пренесува кинеската новинска агенција Синхуа.
По несреќата веднаш била организирана спасувачка акција. На местото биле испратени седум амбулантни возила и едно специјализирано возило на спасувачките служби, со кои повредените биле евакуирани и пренесени за да им биде укажана потребната медицинска помош.
Бројот на загинати и повредени го соопштиле спасувачките служби, а засега не се наведени дополнителни информации за околностите под кои дошло до судирот.










