Жителите на неколку градови во централна Србија биле вознемирени од силни детонации откако српската воена авијација пробила звучен ѕид за време на итна операција за пресретнување патнички авион.
Од Министерството за одбрана на Србија соопштиле дека воената интервенција била преземена по известување од Контролата на летање (SMATSA) за можна експлозивна направа во патнички авион на авиокомпанијата „Виз ер“, кој летал на релација од Брисел кон Софија.
По добиената информација, српските борбени авиони веднаш биле испратени да го пресретнат леталото и да го следат неговото движење низ воздушниот простор на земјата.
Воените авиони го придружувале патничкиот авион по целата негова рута над територијата на Србија, сè до бугарската граница. Откако била завршена операцијата за обезбедување на леталото и воздушниот простор, воените авиони се вратиле во својата база во Батајница.
Интервенцијата предизвикала силни звуци кои ги слушнале жителите на Крагуевац, Јагодина, Ќуприја и околните населени места. Од Министерството за одбрана изразиле жалење поради вознемиреноста кај граѓаните, објаснувајќи дека детонациите биле последица на пробивањето на звучниот ѕид.
До тоа дошло поради големата брзина со која воените авиони морале да се движат за навремено да реагираат на добиената информација.
Овој случај се случува во период кога европските аеродроми и авиокомпании се соочуваат со серија лажни дојави за поставени експлозивни направи во авиони и на аеродроми.
Само во текот на вчерашниот ден биле регистрирани закани поврзани со речиси 30 летови низ Европа. Меѓу нив бил и летот на „Ер Србија“ кон Букурешт.
Сепак, по извршените проверки од надлежните служби, дојавите се покажале како неосновани.








