Шест лица загинаа, а 15 се повредени во пукање на главниот градски плоштад во полскиот град Краков. Меѓу повредените се и двајца полицајци, од кои едниот се наоѓа во тешка состојба и бил подложен на операција.
Полскиот премиер Доналд Туск се упатил кон местото на трагедијата, а според неофицијални информации, осомничениот напаѓач е 25-годишен полски државјанин кој бил уапсен.
Очевидци слушнале околу 20 истрели
Еден од очевидците за полскиот весник „Факт“ раскажал дека се движеле кон продавница кога одеднаш се слушнале истрели. Луѓето почнале да бегаат во паника, додека дел од странските туристи во прв момент не разбирале што се случува.
„Слушнавме дваесетина истрели“, раскажал очевидецот.

На местото на настанот брзо пристигнале екипите на итната медицинска помош и полицијата. Медицинските тимови им пружиле помош на повредените, додека полициските службеници го обезбедиле поширокото подрачје околу плоштадот.
За случувањата сведочел и еден читател за „Газета Краковска“, чија сопруга работела во близина на главниот плоштад.
Тој раскажал дека сопругата го повикала и му соопштила дека некој пука, а луѓето во паника се засолнуваат во локалите.

Подоцна, според нејзините информации, слушнала дека полицаец пукал кон едно лице.
Друг очевидец изјавил дека видел маж кој почнал да пука со автоматско оружје. Според неговото сеќавање, напаѓачот носел нешто што личело на полициска маска и очила.
Тој посочил дека мажот пукал во близина на црквата, а потоа се упатил кон улицата Гродска, додека луѓето се разбегале во сите правци.
Снимка од полициската интервенција
На социјалните мрежи се појавила снимка од полициската интервенција по пукањето. Видеото го објавил и полскиот портал „Niezależna.pl“, наведувајќи дека на него се гледа моментот кога полицаец пука кон осомничениот напаѓач.
На снимката се забележува полициски службеник кој стои над маж облечен во маскирна облека и пука во негов правец. Набргу потоа, и самиот полицаец паѓа на земја, при што постои сомнеж дека и тој бил повреден.
Меѓу повредените во нападот се двајца полицајци, а состојбата на едниот од нив е оценета како тешка.
Туск повика трагедијата да не се користи за политички пресметки
Полскиот премиер Доналд Туск изрази сочувство до семејствата и блиските на загинатите преку објава на социјалната мрежа Икс.
Тој им оддаде признание на полицајците кои ги ризикувале сопствените животи за време на интервенцијата, а истовремено упати апел до политичарите од сите политички определби да не ја користат трагедијата за политички цели.
„Посебно им оддавам признание на храбрите полицајци кои ги ризикуваа сопствените животи. Истовремено, упатувам искрен апел до политичарите од сите определби: немојте да си играте со оваа трагедија. Ќе ги разјасниме сите околности на ова злосторство“, напиша Туск.
Според првичните информации, во нападот загинале шест лица, а 15 биле повредени. Идентитетот на осомничениот и сите околности поврзани со пукањето треба да бидат предмет на понатамошно утврдување.







