Министерството за здравство започна со активности за усогласување на законската регулатива за дроги со прописите на Европската Унија, а воедно работи и на подготовка на нова Национална стратегија за дроги. Овие активности се дел од Реформската агенда за периодот од 2024 до 2027 година, информира министерот за здравство Сашо Клековски.
Како што соопшти Клековски, веќе е формирана работна група која треба да го усогласи Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции со законодавството на ЕУ.
„Формирана е работна група за усогласување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции со законодавството на ЕУ, а во тек е и склучување работен аранжман со Агенцијата на ЕУ за дроги (ЕУДА)“, изјави министерот.
Тој информираше и дека Европската комисија го одобрила барањето за обезбедување експертска помош преку програмата ТАИЕКС. Ангажираните експерти ќе учествуваат во подготовката на новата Национална стратегија за дроги, која треба да биде усогласена со европската стратегија во оваа област.
Покрај законските измени и стратешкиот документ, планирано е да се зајакне и работата на Националната опсерваторија за дроги. Предвидено е и воспоставување систем за рано откривање и известување за појавата на нови психоактивни супстанции.
Вториот чекор е планиран за следната година
Следната фаза од реформите е предвидена за 2027 година. Таа ќе опфати усогласување на листата на психоактивни супстанции со европските стандарди, како и воведување законска дефиниција за поимот „нова психоактивна супстанција“.
Со овие активности Министерството за здравство продолжува со процесот на приближување на домашната регулатива кон европските правила во областа на контролата на опојните дроги и психотропните супстанции.








