И по пет години од нејзината смрт, името на Марина Туцаковиќ останува синоним за најголемите музички хитови на Балканот. Зад себе остави илјадници стихови кои ги отпеаја најголемите регионални музички ѕвезди, но само една песна имаше посебно место во нејзиното срце – „Мишо мој“.
Легендарната текстописка почина во септември 2021 година во Белград, по долга борба со тешка болест и компликации предизвикани од коронавирусот. Во текот на својата кариера напиша повеќе од 4.000 песни, а нејзините стихови ги претворија во хитови имиња како Светлана Цеца Ражнатовиќ, Здравко Чолиќ, Лепа Брена, Жељко Јоксимовиќ и многу други.
Меѓу најпознатите песни што ги создаде е и „Додирни ми колена“, хит што ја надмина границата на поранешна Југославија и доживеа успех и на француски јазик.
Сепак, најемотивниот текст што некогаш го напишала бил посветен на нејзиниот син Милош, кого семејството го викало Миша. По неговата трагична смрт на само 24-годишна возраст, Марина низ стиховите на песната „Мишо мој“ ја преточила својата најголема болка.
Песната ја отпеа Ана Николиќ, а Марина тогаш откри дека долго размислувала кој може да ја пренесе емоцијата што ја носи текстот.
„Песната ја пишував со прекини во најболниот период од мојот живот, кога трагично го загубив синот. Долго размислував кој може да ја пренесе таа емоција до публиката, па изборот падна на Ана Николиќ“, изјави тогаш Туцаковиќ.
Загубата на синот оставила длабока трага врз неа. Во интервјуа отворено зборуваше за болката со која се соочувала секој ден и за тешката животна одлука да продолжи понатаму и покрај огромната семејна трагедија.
Токму затоа „Мишо мој“ не е само уште една песна во богатата кариера на Марина Туцаковиќ, туку лична исповед и вечен спомен на синот кого никогаш не престана да го сака и да го оплакува.









