Во изминатите 24 часа полицијата регистрирала шест случаи на семејно насилство на различни локации низ државата, при што биле приведени пет лица, информира Министерството за внатрешни работи.
Во струмичко село била приведена 59-годишна жена, откако според пријавата физички ги нападнала својата снаа и малолетниот внук во семејниот дом. За случајот бил известен јавен обвинител.
Во Гостивар, 53-годишен маж бил лишен од слобода поради сомнение дека физички го нападнал својот син, а потоа со остар предмет упатувал закани кон него и неговата мајка.
Во Битола, полицијата привела 35-годишен маж кој, според пријавата, физички ја нападнал сопругата и ѝ нанел повреди.
Во Велес бил уапсен 28-годишник откако неговата мајка пријавила дека се заканувал, оштетувал предмети во домот и не ги почитувал мерките за заштита изречени од судот, меѓу кои и забрана за приближување до родителите.
Во Куманово, 39-годишен маж бил приведен поради напад врз неговата мајка, која пријавила дека подолг период била изложена на психичко и физичко малтретирање.
Дополнително, во Скопје 41-годишна жена пријавила физички напад од нејзиниот сопруг.
Од МВР информираат дека се преземаат сите потребни мерки за целосно расчистување на случаите, по што ќе следуваат соодветни законски постапки против инволвираните лица.







