Во рамките на официјалната работна посета на Германската федерална полиција, директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, предводејќи ја македонската делегација, оствари низа средби и посети на клучни оперативни и организациски единици на германската полиција. Целта на посетата е непосредно запознавање со нивното функционирање, техничките капацитети и имплементацијата на современи практики во справувањето со актуелните безбедносни предизвици.
Делегацијата оствари значајна посета на Заедничкиот контакт-центар на германската и полската полиција во Слубице, каде се запозна со успешниот модел на прекугранична полициска соработка, брзата размена на информации и оперативната координација. Во Франкфурт на Одра беа презентирани организацијата на граничната контрола, современите оперативни процедури и практичната примена на висока технологија, вклучително и користењето беспилотни летала (дронови) во надзорот на државната граница.
Посебен акцент за време на посетата беше ставен на единицата на Федералната полиција во близина на аеродромот во Хамбург. Тука на македонската делегација ѝ беа претставени:
- Примената на електронските порти (E-gates) за поефикасна гранична проверка;
- Напредните системи за физичка и техничка заштита на аеродромската инфраструктура;
- Специјализираната опрема и стандардизираните процедури за брзо справување со безбедносни закани.
Во Хановер, пак, беа одржани работни средби со претставници на Федералната полиција задолжени за сузбивање на организираниот криминал, криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе. Преку анализа на конкретни случаи, експертите од двете земји разменија искуства за истражните методи, разбивањето криминални мрежи и можностите за понатамошно унапредување на заедничкото оперативно дејствување.
Директорот Јанев изрази голема благодарност до Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје и германската Влада за поддршката во реализацијата на оваа посета. Тој ја истакна клучната важност од развојот на долгорочно оперативно партнерство преку континуирана размена на информации, заеднички специјализирани обуки, истражни активности и постојано подигнување на професионалните стандарди.
Од севкупната посета беше потенцирано дека соработката меѓу македонската и германската полиција претставува значаен придонес кон зајакнувањето на целосната европска безбедност, со оглед на тоа што современите безбедносни закани бараат длабоко поврзани институции, висока меѓусебна доверба и силна координирана акција.







