ПРВ.мк
Сцена

(ВИДЕО) ЏАМБАЗОВ СО ПОСВЕТА ЗА ПОЧИНАТИОТ МУЗИЧАР РАСТОПИ МНОГУ СРЦА: Една песна ги врати спомените, а поводот е посебен!

(ВИДЕО) ЏАМБАЗОВ СО ПОСВЕТА ЗА ПОЧИНАТИОТ МУЗИЧАР РАСТОПИ МНОГУ СРЦА: Една песна ги врати спомените, а поводот е посебен!

Македонскиот шоумен, актер и музичар Игор Џамбазов предизвика силни емоции кај своите следбеници на социјалните мрежи, откако објави видео во кое со гитара ја изведува „Песна за Дуле и Коки“, посветена на прерано починатиот музичар Душан Љубисављевиќ – Дуле.

Во домашна и опуштена атмосфера, Џамбазов ја отсвири и ја испеа познатата песна, со која уште еднаш се потсети на својот пријател и музички соработник, кој почина на 23 септември 2013 година.

Покрај видеото, Џамбазов остави и емотивна порака во спомен на Дуле, но и упатување до публиката да присуствува на претстојниот јубилеен концерт на Коки Јанков.

„Во спомен на Дуле Љубисављевиќ… Коки Јанков и пријателите, 14 ноември, Македонска филхармонија…“, напиша Џамбазов.

Објавата наиде на бројни реакции, а неговите следбеници веднаш почнаа да оставаат коментари во кои ја изразија воодушевеноста од изведбата и емоцијата што ја пренесе. Меѓу пораките се најдоа и коментари како „Браво легендо“ и „Оригинално!“.

Песната има необична приказна – снимена е на мобилен телефон

Малкумина знаат дека зад создавањето на „Песна за Дуле и Коки“ се крие интересна приказна стара повеќе од 25 години. Неодамна, детали за нејзиното настанување откри самиот Никола Јанков – Коки.

Сè започнало кога Игор Џамбазов ги поканил Дуле и Коки да бидат гости во легендарната емисија „Бинго“ на Македонската телевизија.

Пред да влезат во студиото, Џамбазов ја зел гитарата и спонтано им ја испеал песната што ја напишал за нив. Дуле веднаш ја снимил изведбата со својот мобилен телефон, стара мала „Нокиа“.

Токму таа снимка подоцна завршила на третиот албум на Дуле и Коки, и тоа во оригиналната верзија, директно преземена од телефонот.

Коки ја раскажа оваа необична анегдота, посочувајќи дека станува збор за единствена песна во Македонија која била објавена на музички албум со снимка направена на мобилен телефон.

Емотивна изведба по смртта на Дуле и нова студиска верзија

Песната има посебно значење и поради начинот на кој продолжила да живее по смртта на Дуле. Четириесет дена по неговото заминување во 2013 година, Игор Џамбазов и Коки Јанков повторно ја изведоа заедно на големиот концерт одржан во арената „Борис Трајковски“.

Годинава, композицијата доби и нова студиска верзија, која се најде на албумот на Коки Јанков со наслов „Навикни на промени“.

Коки слави 30 години од „Виолина и гитара“

Емотивната посвета на Џамбазов доаѓа во пресрет на големиот јубилеен концерт на Коки Јанков, кој ќе се одржи на 14 ноември, со почеток во 20 часот, во Македонската филхармонија.

Концертот е посветен на 30 години од музичката приказна „Виолина и гитара“, која започна со истоимениот голем хит во 1996 година. Токму со оваа песна Дуле и Коки дебитираа и победија на фестивалот „Макфест“.

Покрај Игор Џамбазов, како специјални гости на сцената ќе се појават и Ристо Самарџиев, Бојана Скендеровски и Зоран Илиев.

Публиката ја очекува вечер исполнета со познати песни, музички спомени и пријателства што оставиле белег на македонската музичка сцена, а посебно место ќе има и споменот на Дуле.

ВИДЕО

Најнови вести