ПРВ.мк
Црна Хроника

„МЕ ЗГРАПЧИЈА, СЕДНАА ВРЗ МЕНЕ И МЕ ПЦУЕЈА“: Мајка на починато момче доживеала хорор во истата психијатриска болница каде што почина и Периш!

„МЕ ЗГРАПЧИЈА, СЕДНАА ВРЗ МЕНЕ И МЕ ПЦУЕЈА“: Мајка на починато момче доживеала хорор во истата психијатриска болница каде што почина и Периш!

На 21 септември 2023 година, на Габриела ѝ се срушил целиот свет. Го изгубила својот син Иван, кој трагично починал за време на предизвик на „ТикТок“. Откако го пронашла неговото безживотно тело, од претрпениот шок завршила во психијатриската болница „Свети Иван“ во Загреб. Но, во најтешкиот ден од нејзиниот живот, наместо утеха и помош, во болницата доживеала нов пекол.

„Почнав да плачам и реков дека сакам да си одам дома. 'Нема да одиш дома, нема да одиш дома, нема да одиш дома'. Ме зграпчија, седнаа врз мене и ме пцуеја. Беа тројца или четворица. Јас бев слаба и омалаксана од шок, бидејќи не беа поминати ниту 12 часа откако сопственото починато дете го симнав од јаже“, го опишува своето трауматично искуство од душевната болница „Свети Иван“ Габриела Станиќ од Самобор.

Персоналот, како што вели, многу го нервирало тоа што неутешно плаче. Агонијата траела со часови, а најмногу ја понижила докторката од која, жедна, побарала чаша вода.

„Ја стави водата на ормарчето кое беше оддалечено можеби два метра од креветот. Ѝ реков: 'Не можам да стигнам до водата бидејќи сум врзана'. Таа ми одговори: 'Тогаш гледај ја. Нема да ја добиеш додека не престанеш да плачеш, а сега гледај ја'“, раскажува Габриела.

Сведоштва за давење и тепање од персоналот

Страшно искуство во истата болница доживеала и млада жена од југот на Хрватска, која поради проблеми со алкохолот доброволно побарала помош во „Свети Иван“. Наместо лекување, тврди таа, техничарот кого го гризнала за време на интервенцијата за малку ќе ја удавел.

„Тој зеде чаршаф од перница и го замота, бидејќи тоа очигледно го налути. Стоеше точно зад мене додека пет луѓе ме држеа и ме влечеше околу гркланот, постојано ме влечеше. Не можев да дишам, никако“, сведочи поранешната пациентка.

Језиво искуство имал и млад човек од северот на Хрватска, кој во болницата „Свети Иван“ бил хоспитализиран дури 16 пати. Се бори со шизофренија, но наместо помош, тврди дека и тој добивал ќотек од персоналот.

„На моето последно лекување, околу 15 дена пред смртта на Кристијан Јосип Периш, постапуваа сурово кон мене. Ме давеше и влезе во физичка пресметка со мене. Ме тепаше по десното колено, на левото не стигна. Имав модринка на левото рамо. Колку повеќе викате, толку повеќе тепаат“, вели тој, додавајќи дека тоа го доживеал шест пати.

Ова се само дел од бројните потресни сведоштва на поранешни пациенти, чии описи за постапувањето на вработените се речиси идентични:

  • „...техничарот за малку ќе ме удавеше со чаршаф од перница...“
  • „...силно ми ги врзаа рацете и нозете. Ми ставија пелени и маска преку лицето за да не можам да дишам. А најлошо беше што ги молев за малку вода, а не ми дадоа.“
  • „...двајца лекари ме притиснаа со колената кај торзото, а еден ме удираше со тупаница во тилот...“
  • „...четворица-петмина насрнаа на мене и на сила ми дадоа инјекција за смирување. Почнав да викам и една од сестрите зеде перница и ми ја стави на лицето...“
  • „...ме давеше додека не почнав да врескам да престане, дека ќе умрам. Едвај извлеков жива глава...“
  • „...нè влечеа за врат, нè соблекуваа пред сите, викаа по нас и нè навредуваа...“

Понижување на пациентките и наводи за дилање дрога

Особено вознемирувачки се сведоштвата за тоа како машките техничари се однесувале кон пациентките. „Жените стоеја во ред за туширање. Оние кои не можеа сами да се соблечат, тие ги соблекуваа. Им се потсмеваа, особено ако некоја беше покрупна, ги исмеваа нивните тела“, вели Габриела.

Но, физичкото и психичкото насилство, тврди друга соговорничка, не е единствениот проблем. На одделението каде што пациентите би требало да се лекуваат од зависности, наводно без поголеми проблеми можело да се дојде до алкохол и дрога. На снимката од давењето на Кристијан Јосип Периш, таа вели дека препознала техничар кој дилал.

„Ја препознав личноста на снимката. Од него можевте да набавите. Луѓето кои се зависни од опијати или дрога, само го прашуваа него“, тврди поранешната пациентка.

Борба против системот

Некои од соговорниците се обиделе да го пријават она што го доживеале, но наместо охрабрување, добивале пораки дека не вреди да се борат против системот.

Сепак, три години по загубата на синот, Габриела одлучила првпат јавно да проговори за својата траума, поттикната од објавената снимка за смртта на Кристијан Јосип Периш. Таа сè уште нема одговор на прашањето зошто во моментот кога била најранлива, во болницата се однесувале толку нечовечки кон неа.

„Зошто го прават тоа, зошто ме врзаа, зошто сакаат да ми наштетат? Јас не сум виновна, за ништо не сум виновна“, прашува Габриела.

Најнови вести