Младите креативци, програмери, ученици и студенти на возраст над 17 години имаат можност да ги преточат своите идеи за развој на туризмот во реални проекти. Од 9 до 11 декември 2026 година, во Едукативниот центар М6 во Кавадарци ќе се одржи тридневен хакатон посветен на иновациите во екотуризмот.
Настанот е замислен како интензивна работилница исполнета со тимска работа и креативност, а учесниците ќе работат на развој на решенија во три клучни области:
- Целогодишен планински и авантуристички туризам со фокус на локациите Михајлово и Кожуф;
- Паметен рурален туризам и дигитално поврзување;
- Одржлив вински, гастрономски и екотуризам преку примена на циркуларни иновации.
Организаторите нагласуваат дека за учество не е потребно претходно искуство, веќе формиран тим или однапред подготвена идеја, бидејќи решенијата ќе се создаваат на самото место со менторство од врвни експерти.
Покрај практичното искуство и развојот на сопствен прототип, за трите најдобро пласирани тима е обезбеден награден фонд во вкупна вредност од 2.000 американски долари, како и можност за понатамошно тестирање и реализација на нивните решенија.
Заинтересираните кандидати можат да се пријават најдоцна до 25 ноември преку следниот линк: https://shorturl.at/ZbHkU.
Хакатонот се реализира во рамките на иницијативата „City Experiment Fund“ (CEF) на УНДП, со поддршка од Министерството за финансии на Република Словачка и Општина Кавадарци.






