Метастазите кај првиот пациент кој ја примил новата руска персонализирана вакцина против рак целосно се повлекле, а во текот на четиримесечното следење не биле откриени нови тумори. Ова го соопшти Александар Гинцбург, научен директор на Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“.
Станува збор за пациент кој боледувал од меланом на кожата и бил третиран со персонализираната антитуморска мРНК вакцина „Неоонковак“. Според информациите што ги објави Гинцбург, пациентот веќе ја завршил терапијата, се чувствува одлично, а досегашните контролни прегледи не покажале појава на нови туморски промени.
И покрај охрабрувачките резултати, неговата здравствена состојба ќе продолжи внимателно да се следи. Во наредните три години ќе му бидат правени редовни месечни контроли, со помош на компјутерска томографија со висока резолуција на целото тело, со цел да се следи дали ќе има нови промени.
Гинцбург објасни дека вакцината се базира на мРНК технологија, чија цел е да го насочи имунолошкиот систем на пациентот да ги препознае и нападне малигните клетки, вклучително и метастазите. За разлика од универзалните терапии, овој препарат се создава индивидуално за секој пациент, бидејќи секој тумор има специфични карактеристики.
Изработката на вакцината се темели на личните генетски податоци на пациентот, со што терапијата се приспособува на конкретниот тумор и неговите особености.
Овој третман за првпат бил применет во клиничката пракса во април годинава, како заеднички проект на истражувачкиот центар „Гамалеја“ и Националниот медицински истражувачки центар за радиологија, кој работи во рамките на руското Министерство за здравство.
Објавените резултати се охрабрувачки, но станува збор за прв пациент, поради што ќе биде потребно подолго следење и дополнителни клинички податоци за да се утврди колку е ефикасна терапијата и кај други пациенти.









