Дали човештвото наскоро би можело да стапи во контакт со вонземска цивилизација? Ова прашање повторно го привлече вниманието на јавноста по објавувањето на меѓународно истражување во кое учествувале илјадници луѓе од целиот свет.
Во истражувањето биле анализирани одговорите на 6.492 испитаници од 88 држави, а резултатите покажуваат дека дури 77,6 проценти веруваат дека човештвото еден ден ќе воспостави контакт со вонземска интелигенција.
Уште поинтересно е што 59,5 проценти од анкетираните сметаат дека вонземјаните веќе ја посетиле Земјата.
Германскиот научник Андреас Антон објаснува дека никој не може со сигурност да предвиди кога би се случил првиот контакт.
„Можеби никогаш нема да се случи, но би можело да се случи и утре“, изјавил Антон.
Според него, првиот контакт можеби нема да биде со живи вонземски суштества, туку со напредна вештачка интелигенција создадена од некоја далечна цивилизација.
Тој ја споменува можноста високоразвиени цивилизации пред милиони години да испратиле самостојни вселенски сонди, кои би можеле да продолжат да патуваат низ вселената дури и по исчезнувањето на нивните создавачи.
Значајна улога би можела да има и човечката вештачка интелигенција, која веќе се користи за анализа на огромни количества податоци во потрагата по можни сигнали од вселената.
Сепак, авторите нагласуваат дека анкетата не е репрезентативна и дека резултатите ги покажуваат верувањата на испитаниците, а не научен доказ за постоење вонземјани.









