ПРВ.мк
Свет

„МОСТОВИТЕ НЕМА ДА СЕ УРИВААТ САМО ТУКА“: Мистериозна порака по големата железничка несреќа во Русија

„МОСТОВИТЕ НЕМА ДА СЕ УРИВААТ САМО ТУКА“: Мистериозна порака по големата железничка несреќа во Русија

Сериозен инцидент се случи во Русија, каде што се урна дел од железнички мост, поради што неколку вагони од товарен воз излетаа од шините. Настанот предизвика прекин на железничкиот сообраќај, а дополнително внимание привлече загадочна порака од украинска диверзантска група.

Несреќата се случила на 10 ноември, околу 5:10 часот по локално време, во Архангелската област, на железничкиот мост над реката Вилед.

Според руските власти, во инцидентот нема повредени, а вагоните што излетале од шините биле празни.

Поради оштетувањето на инфраструктурата, повеќе патнички возови биле задржани, вклучително и линии што сообраќаат кон Москва и Санкт Петербург.

Руските железници организирале алтернативен автобуски превоз за дел од патниците, додека специјализирани екипи биле испратени на местото на несреќата.

Гувернерот на Архангелската област, Александар Цибулски, соопштил дека е прогласена регионална вонредна состојба поради оштетувањето на мостот и опасноста од дополнително уривање.

Особено внимание предизвикала објавата на украинското диверзантско движење „Атеш“, кое неколку часа по инцидентот испратило предупредувачка порака.

„Мостовите нема да се уриваат само во Архангелската област. Набљудуваме...“, порачале од групата, според медиумските извештаи.

Тие истовремено иронично коментирале дека руските власти најверојатно ќе го објаснат инцидентот како технички дефект.

Сепак, групата не презела директна одговорност за уривањето на мостот.

Руските истражни органи продолжуваат да ја утврдуваат причината за несреќата, а засега нема официјална потврда дека станува збор за саботажа.