ПРВ.мк
Македонија

СМЕТКОВОДИТЕЛИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА АЛАРМИРААТ: Нов правилник од 1.200 страници, нови обврски и казни

СМЕТКОВОДИТЕЛИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА АЛАРМИРААТ: Нов правилник од 1.200 страници, нови обврски и казни

Сметководителите во Македонија предупредуваат на сè поголеми административни обврски, сложени законски прописи и дополнителни санкции, барајќи итно поедноставување на регулативата за финансиско известување.

Според претставниците на професијата, постојните правила не се доволно приспособени на големината и можностите на компаниите, поради што микро, малите и средните претпријатија често се соочуваат со речиси исти барања како големите корпорации.

Особено внимание привлекува новиот правилник за водење сметководство, кој содржи дури 1.200 страници.

Сметководителите сметаат дека ваквата обемна документација дополнително ја усложнува нивната секојдневна работа и создава административен притисок врз помалите бизниси.

Тие реагираат и на постојаното воведување нови задолженија и казни, додека нивните професионални забелешки и предлози, како што велат, не добиваат соодветно внимание од надлежните институции.

Поради тоа, бараат поголема флексибилност во законските решенија, поедноставени процедури и директно вклучување на сметководителите и бизнис-заедницата при подготовката на новите прописи.

По повод Меѓународниот ден на сметководството, беше посочен и дополнителен проблем – стареењето на кадарот и недостигот од млади професионалци кои би ја продолжиле работата во оваа значајна дејност.

Од фелата предупредуваат дека без навремени реформи и подобри работни услови, проблемите дополнително ќе се продлабочуваат.