Повеќе од 90 лица се уапсени во Србија во изминатите две недели, по предвремените парламентарни избори одржани на 25 октомври, на кои Српската напредна странка (СНС) на Александар Вучиќ го загуби долгогодишното владејачко мнозинство.
Според податоците на српското Министерство за внатрешни работи, меѓу приведените има високи полициски функционери, директори на јавни претпријатија, бизнисмени и претставници на државната администрација.
Меѓу уапсените се началникот на Управата за криминалистичка полиција, Марко Кричак, началникот на Службата за сузбивање криминал, Бошко Секулиќ, и командантот на Специјалната антитерористичка единица, Игор Жмириќ.
Приведени се и уште 17 полициски службеници, како и сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура.
На списокот се наоѓаат и повеќе функционери од јавните институции, меѓу кои покраинскиот секретар Предраг Вулетиќ и директорот на Републичкиот хидрометеоролошки завод, Југослав Николиќ.
Професорот на Правниот факултет во Белград, Горан Илиќ, за РТС изјави дека ваквите случувања укажуваат на промени во функционирањето на институциите.
Според него, судовите и обвинителствата и претходно располагале со истите законски овластувања, но прашањето било дали предметите навистина ќе се процесуираат.
Тој смета дека дел од структурите кои претходно биле во втор план сега добиваат можност да дејствуваат посамостојно.
Илиќ истовремено предупреди дека апсењето не значи автоматски утврдување вина и дека презумпцијата на невиност мора да важи за сите.
На изборите победи Студентската листа, која освои 140 пратенички мандати, додека листата предводена од Вучиќ освои 103 места во парламентот.









