Силна детонација утрово околу 8 часот ги вознемирила жителите на центарот на Загреб. По експлозијата, во непосредна близина на музејот „Мимара“ било пронајдено безживотно тело на едно лице.
Полициски екипи веднаш пристигнале на местото на настанот и го обезбедиле поширокиот реон со полициска лента. Бил започнат детален увид со цел да се утврдат причините за детонацијата и околностите под кои дошло до инцидентот.
Од загрепската полиција за хрватскиот портал „24sata“ потврдиле дека телото било пронајдено на тревната површина во непосредна близина на музејот.
Според првичните информации со кои располага истрагата, постојат индиции дека смртта на лицето најверојатно не е последица на кривично дело.
Полициските служби продолжуваат со истражните активности на терен, а треба да се утврдат сите детали поврзани со експлозијата и пронаоѓањето на телото.







