Министерот за здравство Сашо Клековски го заврши учеството на COP31 во Анталија со порака за поголема практична поддршка, полесен пристап до финансирање и посилни меѓународни партнерства во областа на климатските промени и здравјето.
Вториот ден од учеството Клековски го посвети на Алијансата за трансформативна акција за клима и здравје – ATACH, предводена од Светската здравствена организација.
На завршната сесија, заедно со министерот за здравство на Бахамите д-р Мајкл Дарвил и д-р Жером Вајнбах од Франција, Клековски посочи три приоритети – поддршката да биде поблиску до земјите и преточена во конкретни мерки, да се олесни пристапот до финансирање здравствени проекти и да се поттикнуваат партнерства преку кои земјите ќе ги разменуваат успешните искуства.
Според првичните проценки што ги презентираше министерот, секое евро инвестирано во македонскиот план за заштита од топлотни бранови може да донесе околу 8,5 евра општествена корист.
Во рамки на COP31, Клековски оствари средба и со Андреа Конел, заменик-директорка за меѓународни работи во Министерството за здравство, благосостојба и спорт на Холандија, на која се разговарало за поддршката на македонските планови и можностите за натамошна соработка.
Министерот се обрати и на приемот на СЗО и ATACH, заедно со бразилскиот министер за здравство Александре Падиља, а пред медиумите зборуваше за потребата здравјето да биде поставено во центарот на одлуките поврзани со климатските промени.
Клековски порача дека Македонија од Анталија се враќа со нови партнерства и договорени следни чекори.
„Мала земја сме, но ниту една земја не е премногу мала за да направи разлика. Да се сретнеме повторно со помалку ветувања и повеќе резултати“, порача Клековски.













