Нови потресни информации откриваат што се случувало во последните часови од животот на 32-годишниот хрватски спортист Кристијан Јосип Периш, кој на 21 октомври почина во психијатриската болница „Свети Иван“ во Загреб.
Според полициската документација, неговото семејство повикало полиција и итна медицинска помош поради влошување на неговата психичка состојба и појава на параноични мисли.
По интервенцијата, Кристијан бил пренесен во болницата, каде што медицинскиот персонал подоцна повикал полиција поради неговото наводно агресивно однесување.
Меѓутоа, кога полицајците пристигнале во 15:23 часот, го затекнале како мирно седи на клупа.
Пред да влезе во болницата, тој изговорил вознемирувачки зборови.
„Не сакам да влезам внатре. Минатиот пат ме гушевте и ме врзувавте за кревет. Не сакам докторите да ме допираат, сакам да разговарам само со полицијата“, изјавил според службената документација.
Околу 17 часот полицијата повторно пристигнала во болницата и го затекнала врзан за кревет, зашеметен и дезориентиран.
Најтешките моменти, според истражителите, се случиле меѓу 20:02 и 20:12 часот.
Снимките од надзорните камери покажуваат дека медицински техничари употребувале физичка сила врз пациентот. Според полицискиот опис, бил удиран, притискан за вратот со колена, а врз лицето му била ставена перница.
Се наведува дека притисокот продолжил и откако престанал да дава отпор.
Прелиминарната обдукција открила бројни повреди, вклучително и скршени ребра и градна коска, крвни подливи и отоци на белите дробови и мозокот.
Против четворица медицински техничари се води истрага поради сомнение за тешко убиство, додека конечната причина за смртта треба да биде утврдена со судско-медицинско вештачење.









