Нови вознемирувачки детали се појавија во истрагата за смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш, кој на 21 октомври почина во психијатриската болница „Свети Иван“ во загрепската населба Јанкомир.
И четвртиот медицински техничар, осомничен за тешко убиство на пациентот, добил вонреден отказ откако полицијата открила дополнителни детали на снимката од надзорните камери.
Како што пренесува „Дневник.хр“, директорката на болницата Мајда Грах првично не забележала дека четвртиот техничар со колено го притискал вратот на пациентот.
Овој детаљ бил утврден дури по дополнителната анализа на видеоснимката од страна на полицијата.
Претседателот на Управниот совет на болницата, Мирандо Мрсиќ, објаснил дека токму новите полициски сознанија биле причина и четвртиот осомничен да добие отказ.
Останатите тројца медицински техничари биле отпуштени уште на 5 ноември.
Според досегашните информации од истрагата, снимките покажуваат дека врз Кристијан била употребена прекумерна физичка сила. Се наведува дека медицинските техничари му ставале перница врз лицето, го притискале вратот со колено и го удирале.
Сите четворица се уапсени и им е определен едномесечен истражен притвор поради сомнение за тешко убиство.
Надлежните продолжуваат со истрагата за целосно утврдување на околностите под кои починал пациентот и евентуалната кривична одговорност на осомничените.









