Паметните очила со вградени функции на вештачка интелигенција, кои досега главно се користеа како современ технолошки додаток за снимање, преведување и други практични намени, сè почесто стануваат предизвик за образовните институции. Во Јужна Кореја веќе се регистрирани случаи во кои ученици ги користеле овие уреди за мамење на испити, поради што Министерството за образование започна национална проверка и подготвува нови контролни мерки.
Во текот на годинава биле потврдени четири случаи на користење AI паметни очила за недозволена помош при полагање интерни испити во средни училишта и високообразовни установи. Еден од инцидентите се случил во средно училиште, додека останатите три биле регистрирани на факултети и други високообразовни институции.
Два случаи биле откриени во Сеул, а другите два во провинцијата Северна Џола и на островот Џеџу.
Три од инцидентите се случиле за време на завршните испити во првото полугодие, додека четвртиот бил откриен при меѓупроверка во второто полугодие. За да добие поширока слика за проблемот, Министерството за образование од 27 октомври до 3 ноември спровело проверка во сите 5.679 средни училишта и високообразовни установи во земјата.
Учениците ги откриле по необичното однесување
Особено интересно е што случаите не биле откриени со помош на напредни технолошки системи за препознавање, туку благодарение на вниманието на наставниците. Тие забележале дека одредени ученици постојано ја допирале рамката на очилата за време на полагањето, што предизвикало сомнеж дека користат недозволена помош.
Во еден од случаите, ученик кој вообичаено не носел очила се појавил на испит со нив. Во друго училиште, наставник забележал зелено светло што се рефлектирало од стаклото на очилата, по што започнала дополнителна проверка.
Еден од најнеобичните инциденти бил регистриран на островот Џеџу. Таму друг ученик однапред ги предупредил наставниците дека постои сомнеж оти некој би можел да користи паметни очила за мамење. Поради тоа, надзорот за време на испитот бил засилен. Тогаш еден ученик бил забележан како ги заменува обичните очила со паметни, со што сомнежите биле потврдени.
Сите четворица ученици добиле нула поени по предметите на кои било утврдено дека мамеле. Покрај тоа, тројцата средношколци биле казнети и со дополнителни дисциплински мерки. Тие морале да поминат тридневна специјална едукација, да извршат четири часа општествено корисна работа и пет дена да не посетуваат настава.
Ученикот од високообразовната установа не добил посебна дисциплинска казна, но бил вклучен во волонтерски активности организирани од институцијата.
Посебни проверки и на националниот приемен испит
По откриените случаи, Министерството за образование планира до училиштата да достави посебни материјали со примери од веќе регистрираните инциденти и упатства за наставниците. Целта е полесно да се препознаваат ваквите обиди за мамење, особено за време на завршните испити во второто полугодие.
Дополнително, уште построги правила ќе важат за националниот приемен испит CSAT, закажан за 19 ноември. За првпат, во секој од вкупно 1.312 испитни центри ќе има посебно назначено лице задолжено за проверка на паметните очила.
Кандидатите ќе мора да ги предадат ваквите уреди пред почетокот на полагањето, а нивното поседување може да биде причина за поништување на испитот.
Овие случаи покажуваат дека брзиот развој на вештачката интелигенција носи нови предизвици за образовниот систем. Паметните очила сè почесто изгледаат како обичен моден додаток, иако можат да содржат камера, микрофон, AI асистент и интернет-конекција. Токму поради тоа, училиштата и универзитетите мора да ги приспособат правилата и контролите на новите технологии.








