Во тек се градежните активности за изградба на нови детски игралишта на две локации во Кавадарци – во населбата Бел Камен и на спојот меѓу Западен булевар и улицата „Ресавска“.
Според проектот, новите простори за игра ќе бидат опремени со специјална гумена подлога за максимална безбедност и современи детски реквизити. Целта е да се создадат уредени и безбедни места за игра, забава и дружење на најмладите жители на општина Кавадарци.
Изведувач на градежните работи е компанијата „Теракота“ од Прилеп.
Со изградбата на овие игралишта се овозможуваат подобри услови за правилен развој на децата, се поттикнува нивната активност и се вложува во побезгрижно детство. Вложувањето во најмладите останува главен приоритет за локалната заедница.





