Општина Велес ја доби националната награда „Младински пријателски град“ за 2026 година, како признание за напредокот и спроведувањето на младинските политики на локално ниво.
Наградата беше доделена во рамките на четвртиот Национален форум за младинска работа, кој се одржа од 10 до 12 ноември 2026 година во Младинскиот центар во Охрид. Форумот беше организиран под мотото „Признавање и квалитет на младинската работа – Од законска обврска до локална реалност!“, со фокус на унапредувањето на младинската работа и исполнувањето на обврските што произлегуваат од законската регулатива.
При изборот на општините што ќе ги добијат признанијата, главен критериум биле постигнатиот напредок и степенот на спроведување на одредбите од Законот за младинско учество и младински политики во единиците на локалната самоуправа.
Врз основа на направената анализа, на форумот беа доделени вкупно осум национални награди, односно по една за општина од секој плански регион. Целта на ова признание е да се препознаат и вреднуваат општините што применуваат добри практики во областа на младинските политики, но и да се поттикнат останатите локални самоуправи да ги исполнуваат законските обврски и да создаваат подобри услови за младите.
Во име на Општина Велес, наградата ја прими претседателот на Советот на Општина Велес, Даниел Јаневски. Признанието му беше врачено од претставник на Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Четвртиот Национален форум, како и целиот процес за избор и доделување на наградите, го организираа и реализираа Коалицијата на младински организации СЕГА и Младинскиот центар Охрид.
Настанот беше спроведен во партнерство со Министерството за социјална политика, демографија и млади, Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP), Фондот за население на Обединетите нации (UNFPA), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (OSCE).
Заедничката цел на организаторите и партнерите е подобрување на квалитетот на младинската работа, нејзино поголемо препознавање и обезбедување долгорочна одржливост на младинските политики и активности во Република Северна Македонија.
Од Општина Велес порачуваат дека и понатаму остануваат посветени на создавање подобри услови за живот и развој на младите. Со добивањето на националното признание, општината ја истакнува својата заложба за спроведување младински политики на локално ниво, во согласност со националните и меѓународните стандарди.






