Безбедносната зона на аеродромот во Хамбург е евакуирана поради „полициска ситуација“, што доведе до привремена обустава на сите летови и доцнења, соопшти германската Сојузна полиција.
Според наводите на полицијата, сите патници морале да го напуштат просторот зад безбедносните контроли, вклучувајќи ги и оние кои веќе биле качен во авионите, пренесува „Шпигел“.
Во тек е детално пребарување на терминалите, но властите засега немаат соопштено што ја предизвикало безбедносната узбуна. Германската полиција не изнесе дополнителни детали за природата на инцидентот, наведувајќи само дека се спроведуваат безбедносни проверки.
Во слични случаи, вакви мерки често се преземаат поради пријавени сомнителни предмети или други потенцијални безбедносни закани, пишува „Шпигел“.
Според извештаите од аеродромот, летовите доцнеле и до три часа, додека затворањето го опфатило исклучиво делот од терминалот зад безбедносните пунктови. Останатите делови од аеродромот останале отворени за патниците.
Инцидент за време на воени вежби
Инцидентот се случил додека германските вооружени сили спроведуваат редовни воени вежби на аеродромот.
Од почетокот на неделата на аеродромот „Хелмут Шмит“ се стационирани шест борбени авиони од типот „Торнадо“, кои во рамките на вежбата изведуваат полетувања и слетувања паралелно со цивилниот воздушен сообраќај.








