ПРВ.мк
Македонија

ОД „ЗОКИ ПОКИ“ ДО „ХАРИ ПОТЕР“: Новата листа на лектири го менува читањето во основните училишта!

ОД „ЗОКИ ПОКИ“ ДО „ХАРИ ПОТЕР“: Новата листа на лектири го менува читањето во основните училишта!

Новиот список на лектири за основното деветгодишно образование ќе започне со примена од учебната 2026/2027 година, при што значително се проширува изборот на дела од домашни и светски автори.

Од Бирото за развој на образованието при Министерството за образование и наука информираат дека новиот лектирен список е креиран со цел да се усогласи со современите образовни стандарди и да се поттикне развој на читачки навики кај учениците уште од најрана возраст. Според образложението, преку обработка на книжевни содржини се поттикнува поврзување со реалниот живот, збогатување на вокабуларот, развој на критичко размислување и формирање на естетски и културни вредности.

Покрај задолжителните дела, списокот вклучува и изборни лектири, со што се овозможува поголема флексибилност во наставата и адаптација на содржините според возраста и интересите на учениците. Наставниците ќе добијат и насоки за реализација на лектирите по одделенија, со препорачани активности и пристап при обработка на текстовите.

II одделение

Во второ одделение учениците ќе обработуваат три задолжителни и две изборни лектири. Меѓу задолжителните се „Зоки Поки“ од Оливера Николова, „Грдото пајче“ од Х. К. Андерсен и „Сказни“ од браќата Грим. Изборниот дел опфаќа повеќе домашни и странски автори, меѓу кои и дела како „Тајни незнајни“ од Киро Донев и „Нела Смела и бушавата бура“ од Билјана С. Црвенковска.

III одделение

Во трето одделение задолжителни се „Басни“ од Езоп, „Шеќерна приказна“ од Славко Јаневски и „Орхан“ од Неџати Зекирија. Изборниот список вклучува разновидни наслови за детска литература, меѓу кои „Доктор Офболи“ од Корнеј Чуковски, „Легенда за Марфи Компирката“ од Овен Колфер, како и повеќе современи македонски автори.

IV одделение

Во четврто одделение задолжителни се „Бајки од Македонија“ од Билјана Црвенковска, „Безборовната Ела“ од Викторија Патрашку и „Волшебникот од Оз“ од Лиман Франк Баум. Изборниот дел вклучува класични и современи дела како „Итар Пејо“, „Петар Пан“ и „Големата фабрика за зборови“, со што се комбинира традиционалната и современата литература.

V одделение

За петто одделение задолжителни се „Пајажината на Клементина“ од Елвин Брукс Вајт, „Пипи Долгиот Чорап“ од Астрид Линдгрен и „За копчето и за среќата“ од Јасмина Петровиќ. Во изборниот дел се наоѓаат дела како „Пинокио“, „Алиса во земјата на чудата“, „Мери Попинс“, „Џејмс и џиновската праска“ и други наслови од светската класична и современа литература.

Со новиот лектирен список, образовните власти очекуваат учениците да добијат поширок и поразновиден книжевен фонд, кој ќе овозможи подобро разбирање на литературата и развој на навики за редовно читање уште во основното образование.

Најнови вести