Корисници на апликацијата МојДДВ од вчера пријавуваат проблеми при користењето на услугата, откако не успеваат да ги скенираат фискалните сметки и да ги евидентираат во системот.
Според реакциите на граѓаните, при обид за пристап до апликацијата се појавува известување дека нема конекција со Управата за јавни приходи, поради што голем број корисници не можат нормално да ја користат услугата.
По бројните поплаки, од Управата за јавни приходи информираа дека апликацијата МојДДВ моментално функционира со повремени забавувања и прекини во работата.
„Нашите тимови активно работат на утврдување на причините и на надминување на предизвиците, со цел што поскоро да се обезбеди нејзино непречено функционирање. Ви благодариме за трпението, разбирањето и довербата“, соопштија од УЈП.
Од институцијата не прецизираа што точно го предизвикало проблемот, ниту кога целосно ќе биде нормализирана работата на системот, но уверуваат дека се преземаат активности за отстранување на пречките.
МојДДВ е една од најкористените дигитални услуги во земјава, преку која граѓаните ги скенираат фискалните сметки и остваруваат поврат на дел од платениот данок, па секој прекин во функционирањето предизвикува голем интерес и реакции кај корисниците.








