Прилепската јавност е во жалост по трагичната сообраќајна несреќа што вчера се случи на експресниот пат Градско–Прилеп, во која животот го загуби познатиот бизнисмен Жарко Ристески. Во несреќата загинала и 42-годишна сопатничка од Прилеп, додека трето лице се здобило со тешки повреди.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата се случила околу 13:30 часот по директен судир меѓу автомобил „Шкода Октавија“, управуван од 51-годишниот Жарко Ристески, и „Фолксваген Голф“, зад чиј волан бил 39-годишен прилепчанец.
На местото на несреќата починале Ристески и неговата сопатничка Б.Б. (42) од Прилеп. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош во Кавадарци.
Возачот на другото возило се здобил со тешки телесни повреди и по укажаната помош во Општата болница во Кавадарци бил префрлен на лекување во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Неофицијално, Жарко Ристески бил сопственик на компанијата за превоз на патници „Роман“ и важел за препознатливо име во прилепската бизнис-заедница. По веста за неговата смрт, бројни пријатели, сограѓани и организации изразија сочувство, истакнувајќи ја неговата хуманост и поддршката што ја давал на лица со попреченост и на локалната заедница.
На местото на трагедијата увид извршиле јавен обвинител и полициски екипи, а истрагата треба да ги утврди причините и околностите што довеле до тешката несреќа.







