Националниот џез оркестар на 9 ноември ќе настапи во Велес со посебен концерт посветен на одбележувањето на Денот на Општината. Музичкиот настан ќе се одржи во 20 часот, во салата на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, а посетителите ќе можат да уживаат во програмата со бесплатен влез.
Концертната вечер ќе биде поделена на два музички дела, со кои оркестарот ќе понуди спој на авторско творештво и познати македонски песни.
Во првиот дел ќе бидат изведени композиции од албумот „Македонски сновиденија“, додека вториот дел ќе биде посветен на македонските евергрини. Во изведбата на дел од песните ќе се приклучи и Светлана Јовановска.
Ова ќе биде трет концерт на Националниот џез оркестар во Велес, градот во кој претходно настапил со две различни музички програми.
Првиот концерт бил одржан на 23 април 2024 година под наслов „Џез лектира“. Тогаш оркестарот му оддаде музичка почит на Каунт Бејзи, легендарниот џез-музичар познат како крал на свингот, изведувајќи композиции посветени на неговото творештво.
Вториот настап следувал на 23 ноември истата година, кога публиката ја проследила програмата „Кросовер сторис“. На концертот била претставена авторска музика од македонскиот композитор Владимир Николов, професор на Факултетот за музичка уметност во Белград.
Со претстојниот настап, Националниот џез оркестар повторно ќе му подари музичка вечер на велешкиот аудиториум, овојпат во рамките на прославата на Денот на Општината.
Концертот е на 9 ноември, со почеток во 20 часот, во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Влезот е бесплатен.








