Една од најпознатите плажи на Сардинија, Пунта Молентис, воведе нови правила кои веќе предизвикаа реакции кај туристите. Од ова лето, на поголемиот дел од посетителите им е забрането да носат и поставуваат чадори за сонце и друга опрема за создавање сенка.
Според новите мерки, право на еден чадор имаат само семејства со деца помлади од 10 години и лица постари од 65 години. За сите останати посетители важи целосна забрана.
Покрај тоа, од 5 јуни до крајот на октомври, влезот на плажата се наплатува по 10 евра, додека лицата со попреченост и нивните придружници се ослободени од плаќање.
Локалните власти објаснуваат дека одлуката е донесена од безбедносни причини. Минатата година, поради пожар во близина на плажата, била потребна итна евакуација на десетици посетители со бродови, а големиот број чадори го отежнувал движењето и пристапот до луѓето.
Сепак, многу туристи не се согласуваат со мерката и сметаат дека таа ги остава посетителите без соодветна заштита од сонцето во екот на летната сезона.
Пунта Молентис е само една од плажите на Сардинија каде важат строги правила. На дел од плажите е забрането изнесување песок, за што се предвидени високи казни, а на одредени локации бројот на посетители е ограничен и потребна е претходна онлајн резервација.






