Театарската режисерка Саша Броз, внука на некогашниот претседател на Југославија Јосип Броз Тито, привлече внимание на социјалните мрежи објавувајќи фотографии со својот татко Александар Мишо Броз.
Иако закорачи во 86-тата година, Мишо Броз не ја губи ведрината и препознатливата смисла за хумор. Тоа во објавата го потврди и неговата ќерка Саша Броз, која воедно ја разјасни недоумицата на следбениците кои помислија дека нејзиниот татко слави роденден.
Покрај фотографиите на кои двајцата позираат насмеани, режисерката напиша:
„86 години мудрост, но тато и понатаму сака да прави гримаси. П. С. Не му е роденден, само констатирам дека годините не се услов за сериозност. Секако благодарам на сите за убавите желби“, напиша Саша во описот на објавата.
Од нафтената индустрија до дипломатијата
Александар Мишо Броз е син на Јосип Броз Тито и Херта Хас. Текoм на осумдесеттите и деведесеттите години вршеше високи функции во нафтената компанија ИНА, а потоа кариерата ја продолжи во дипломатската служба.
Во дипломатијата влезе на препорака на тогашниот претседател на Хрватска, Фрањо Туѓман, најпрво како советник на министерот за надворешни работи. Потоа службуваше во хрватските дипломатски претставништва во Русија и Египет, а дипломатската кариера ја заврши како амбасадор во Индонезија.
Мишо со децении е во складен брак со сопругата Мира, со која има две деца — ќерката Саша и синот Андреј.









