ПРВ.мк
Свет

„ВЕДНАШ НАЈДЕТЕ ЗАСОЛНИШТЕ!“ - Дронови упаднаа во нато држави, кренати и борбени авиони!

„ВЕДНАШ НАЈДЕТЕ ЗАСОЛНИШТЕ!“ - Дронови упаднаа во нато држави, кренати и борбени авиони!

На жителите на делови од Летонија и Литванија властите им порачаа да се засолнат на сигурно откако неидентификувани дронови влегоа во воздушниот простор на тие две држави. Луѓето во неколку региони во средата беа предупредени да побараат засолниште додека НАТО борбените авиони беа кренати во воздух за да реагираат на безбедносниот инцидент.

Според достапните информации, дронот во воздушниот простор на овие членки на НАТО влегол од соседна Русија или Белорусија.

Предупредување за Каунас и затворање на аеродромот

Предупредувањето на литванскиот Национален центар за управување со кризи го опфати и Каунас, вториот по големина град во земјата со околу 300 илјади жители. Според пристигнатите извештаи, аеродромот во Каунас привремено ги обустави сите летови.

Околу 23 часот беше објавено жолто ниво на тревога, а на граѓаните во окрузите Вилнус и Утена им беше препорачано да се упатат кон најблиските засолништа.

„Вооружените сили на Литванија известуваат: МОЖНА ВОЗДУШНА ОПАСНОСТ (ЖОЛТО). Најдете сигурно место. Ако забележите сомнителен предмет, не му приоѓајте и јавете се на 112. Сочекајте да заврши опасноста“, стоеше во официјалното предупредување.

Тревога и во Летонија

Предупредување издадоа и властите на Летонија, кои огласија можна закана во воздушниот простор на општините Јекабпилс и Мадона.

„Ве известуваме за можна закана во воздушниот простор на Летонија. Во моментов не е потребно да преземате никакви дополнителни чекори. Доколку ситуацијата се промени, ќе добиете известување преку системот за рано предупредување на мобилните телефони со упатства како да постапите“, објавија властите на платформата X.

Летонските служби накнадно известија дека опасноста поминала: „Ве известуваме дека заканата за воздушниот простор во општината Мадона престана.“

Меѓусебни обвинувања за залутаните дронови

Украински дронови и претходно влегуваа во воздушниот простор на Финска, Естонија, Летонија и Литванија, што го засилува стравот од ширење на војната на територијата на оние членки на НАТО кои граничат со Русија и Белорусија.

Русија ја обвинува Украина дека го користи воздушниот простор на НАТО сојузниците како закрила за изведување напади. Од друга страна, Киев порачува дека дел од нивните дронови скренуваат од рутата поради руско попречување на сигналот. Членките на НАТО за овие инциденти директно ја обвинуваат Русија.