Нови тензии се појавија во односите меѓу Франција и Иран, откако Париз ја обвини Иранската револуционерна гарда за серија кибернетички напади врз системите за ладење во француските супермаркети.
Техеран категорично ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ги како неосновани и пристрасни.
Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека остро ја осудува, како што наведе, „истрошената политика на Франција за изнесување обвинувања против Иран“.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро претходно изјави дека зад нападите стои Иранската револуционерна гарда, нагласувајќи дека станува збор за кибернетички операции од досега невидени размери.
Според француските власти, нападите погодиле околу 700 објекти за дистрибуција на храна, а обвинителството соопшти дека биле предизвикани и приближно 20 пожари.
Истражителите се сомневаат дека нападите ги извршила хакерската група „Шахид Кавех“, која ја поврзуваат со иранските безбедносни структури.
Напаѓачите, според обвинителството, преку интернет презеле далечинска контрола врз ладилните системи, активирајќи продолжени циклуси на одмрзнување и истовремено исклучувајќи ги безбедносните предупредувања.
Поради случајот, иранскиот амбасадор во Франција бил повикан на разговор во Министерството за надворешни работи.
Баро предупреди дека Париз не исклучува никакви мерки како одговор на нападите, вклучувајќи и активности што нема јавно да бидат објавени.
Во меѓувреме, високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, најави дека прашањето ќе биде разгледано на состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Таа порача дека, доколку одговорноста на Иран биде потврдена, европскиот одговор треба да биде силен.
Европската комисија исто така ги испитува нападите, кои отворија сериозни прашања за безбедноста на европскиот синџир за снабдување со храна.









