Жена по име Милица, која верувала дека има стабилен брак и среќно семејство, открила дека нејзиниот сопруг Никола цели 11 години водел двоен живот. Но, како што раскажала во исповед пренесена од српски „Курир“, неверството било само почеток на шокантните откритија.
Милица, која денес има 39 години, со Никола имала две деца. Тој работел во градежна компанија и често патувал службено, понекогаш и по неколку дена. Таа никогаш не се сомневала во неговите отсуства.
Сè се променило кога едно попладне барала гаранција за расипаната машина за перење алишта.
Во фиоката на сопругот пронашла коверт со потврда за уплата на училишна екскурзија за момче по име Андреј. Покрај името на Никола стоела забелешката „За синот“.
Кога го прашала дали го познава момчето, тој одговорил дека никогаш не слушнал за него.
Сомнежите ја натерале дополнително да истражува, а на интернет пронашла фотографија од училишна приредба на која Никола стоел покрај момчето и непозната жена.
Набргу ја пронашла жената, Сања, која ѝ открила дека со Никола била во врска 11 години и дека тој ја убедувал оти неговиот брак е завршен.
Според приказната, подоцна излегле на виделина и сомнителни градежни зделки, фиктивни фактури и незаконски финансиски активности, поради кои семејството се соочило и со закани.
Милица на крајот се развела и го пријавила случајот во полиција, а Никола, според објавената исповед, бил уапсен и осуден.
Таа со децата започнала нов живот, далеку од тајните што со години се криеле зад нивниот навидум обичен брак.







