ПРВ.мк
Македонија

МАКЕДОНИЈА СЕ МОБИЛИЗИРА ПРОТИВ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО: За помалку од три дена собрани 15.000 потписи

МАКЕДОНИЈА СЕ МОБИЛИЗИРА ПРОТИВ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО: За помалку од три дена собрани 15.000 потписи

За помалку од три дена, дури 15.000 граѓани ја поддржале иницијативата за воведување електронски нараквици за следење на сторителите на семејно насилство, покажувајќи голем интерес за дополнителни мерки за заштита на жртвите.

Според објавените информации, бројот на собрани потписи веќе ја надминал границата од 10.000, предвидена во рамките на иницијативата за распишување референдум.

Предлогот предвидува лицата за кои се изречени мерки за забрана на приближување да носат електронски уреди преку кои ќе се следи нивното движење.

Доколку сторителот се приближи до жртвата на растојание помало од дозволеното, системот би испратил предупредување до загрозеното лице и автоматски би ги известил надлежните институции.

Целта е да се овозможи навремена реакција и да се спречат нови случаи на насилство, особено кога жртвите претходно веќе пријавиле закани или физички напади.

Иницијативата следува по повеќе случаи на насилство врз жени, меѓу кои и трагичното убиство на 17-годишната Билјана Ќириќ од Богданци, кое предизвика силни реакции во јавноста.

Предлогот го покрена пратеничката Моника Зајкова, а на 8 ноември во Скопје се одржа и протестен марш против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста.

Учесниците на протестот побараа поголема одговорност од надлежните институции, поефикасна заштита на жртвите и конкретни мерки за спречување на семејното насилство.

Најнови вести