Ива Михајлова, која претходно замина во Бугарија во период кога требаше да се соочи со судска постапка во Македонија за сообраќајна несреќа со смртни последици, изнесе сериозни обвинувања на сметка на македонските институции.
Таа тврди дека нејзината баба, Илинка Кушовска, била незаконски задржана на граничниот премин Делчево додека се обидувала да влезе во Македонија.
Според Михајлова, нејзината баба повеќе од седум часа била недостапна, а постапувањето на македонските служби го нарече „државен тероризам“. Нејзините тврдења ги пренесоа и бугарските медиуми.
Сепак, Министерството за внатрешни работи излезе со поинакво објаснување за настанот.
Од МВР за „Скопје1“ потврдиле дека жената била задржана на службен разговор, но нагласиле дека тој траел два часа, а не седум или осум часа како што се тврди во обвинувањата.
„Постапувајќи по насоки на надлежен јавен обвинител, на граничниот премин Делчево, на 10.11.2026 година, во временскиот период од 11:20 до 13:20 часот, со наведеното лице е извршен службен разговор“, соопштиле од Министерството.
По завршувањето на разговорот, жената непречено влегла на територијата на Македонија.
Засега не се објавени дополнителни информации за причините поради кои обвинителството побарало да се изврши разговорот.
Тврдењето за киднапирање доаѓа од Михајлова, додека официјалната полициска информација потврдува службен разговор на граничниот премин, по кој на жената ѝ бил дозволен влез во државата.







