Бебе старо 11 месеци е пронајдено живо во плиток гроб во шума во Јужна Каролина, откако, според проценката на полицијата, поминало околу 24 часа закопано во кафез за кучиња завиткано во пешкир, соопшти шерифската служба на округот Лексингтон.
Бебето Коа Шарп исчезнало во понеделникот, откако било оставено на грижа кај таткото, Мајкл Комер (25), во куќата на неговата мајка, пишува денес „Гардијан“.
Момчето било пријавено како исчезнато, по што била покрената опсежна потрага во која учествувале околу 100 луѓе.
Полицијата пронашла свеже ископана земја во шумата, на околу 45 метри од куќата на таткото на Комер. Кога почнале да копаат, слушнале плач и успеале да го извлечат бебето кое било живо закопано во кафезот.
Шерифот Џеј Кун изјави дека пешкирот со кој бил обмотан кафезот веројатно му овозможил на момчето да преживее, обезбедувајќи му доволно воздух. Бебето е пренесено во болница, а надлежните се надеваат дека ќе се опорави.
Комер бил уапсен во понеделникот навечер под сомнение за провала, а полицијата соработува со обвинителството за утврдување дополнителни обвиненија.






