ПРВ.мк
Македонија

ОТКРИЕНА ГОЛЕМА КРАЖБА НА СТРУЈА ВО КАЗИНО: Со специјален уред биле манипулирани две броила, штетата е над 2,7 милиони денари!

ОТКРИЕНА ГОЛЕМА КРАЖБА НА СТРУЈА ВО КАЗИНО: Со специјален уред биле манипулирани две броила, штетата е над 2,7 милиони денари!

Случај на неовластено користење електрична енергија е откриен во казино лоцирано на улицата Магистрален пат во Кичево, каде при контрола било утврдено дека со помош на специјален уред се манипулирало со две електрични броила, со цел дел од потрошената струја да не биде регистрирана.

Од „Електродистрибуција“ информираат дека случајот бил откриен по спроведени детални анализи на потрошувачката на електрична енергија, како и континуирано следење на динамиката на користење на струјата.

Врз основа на добиените податоци, Специјализираниот тим за откривање неовластено користење електрична енергија извршил теренска контрола во казиното, при што биле утврдени неправилности во работењето на мерните уреди.

При проверката било забележано нетипично однесување на броилата, придружено со невообичаено зуење што доаѓало од мерниот ормар.

Со дополнителните мерења била регистрирана фреквенција од 225 до 340 херци, што претставува значително отстапување од стандардната фреквенција од 50 херци.

Контролата покажала дека бил користен уред за манипулација со фреквенции, за кој од „Електродистрибуција“ наведуваат дека бил набавен на црниот пазар. Со негова помош било овозможено влијание врз работата на двете електрични броила, поради што делумно или целосно не била регистрирана реално потрошената електрична енергија.

По утврдувањето на неправилностите, надлежните презеле конкретни мерки.

Бил составен записник за неовластено користење на електрична енергија, а до Министерството за внатрешни работи била поднесена и пријава за неовластено преземање електрична енергија, согласно член 235-а од Кривичниот законик.

Дополнително, биле изготвени две посебни фактури за надомест на причинетата штета, по една за секое од двете мерни места.

Според соопштението на „Електродистрибуција“, вкупниот износ на утврдената штета достигнува 2.722.798 денари.