Полициски службеници од СВР Скопје рано утрово привеле 49-годишен жител на главниот град, откако при контрола на неговото возило биле пронајдени повеќе видови дрога и вага.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, станува збор за лицето Х.М., на возраст од 49 години, кое било лишено од слобода во 02:25 часот на улицата „Таки Даскалот“, во скопската населба Драчево.
При прегледот на автомобилот „Рено“, со скопски регистарски ознаки, кој го управувал приведениот, полициските службеници пронашле и одзеле бела прашкаста материја, таблети, марихуана и вага.
По пронаоѓањето на предметите, 49-годишникот бил приведен и задржан во полициска станица за понатамошна постапка.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.





