Научниците изразуваат сериозна загриженост откако на западниот брег на Антарктикот е забележан драматичен недостиг на морски мраз. Според последните податоци, исчезната е површина од околу 650.000 квадратни километри мраз, што е речиси колку територијата на Франција.
Иако на Антарктикот моментално е зимски период, кога морскиот мраз вообичаено брзо се шири, сателитските снимки покажуваат дека Белингсхаузеновото Море речиси целосно останало без ледена покривка.
Експертите предупредуваат дека ова е третпат во последните четири години регионот да бележи екстремно ниски нивоа на мраз. Според д-р Вил Хобс од Универзитетот во Тасманија, состојбата е алармантна и постои стравување дека морскиот мраз во овој дел од Антарктикот може трајно да исчезне.
Дополнителна загриженост предизвикува близината на глечерите Пајн Ајланд и Твејтс, кои веќе имаат значително влијание врз порастот на нивото на светските мориња. Недостигот на заштитниот морски мраз би можел уште повеќе да го забрза нивното топење.
Последиците веќе се забележуваат кај дивиот свет. Во последните години илјадници младенчиња на царски пингвини угинаа поради нарушени услови за размножување, а експертите предупредуваат дека фоките и крилот исто така се принудени да ги менуваат своите живеалишта.
Во меѓувреме, Антарктичкиот Полуостров се соочил и со невообичаено високи температури. Во аргентинската база Есперанца биле измерени повеќе од 15 степени Целзиусови, што е над 20 степени повисоко од просекот за овој период од годината и претставува нов рекорд за јуни.
Според најновите мерења, околу целиот Антарктик има 11,4 милиони квадратни километри морски мраз, што е значително под долгорочниот просек од 12,6 милиони квадратни километри. Научниците продолжуваат да истражуваат дали климатските промени и глобалното затоплување се главните причини за овие драматични промени.






