Една необична ситуација од ресторан во Тиват предизвика вистинска бура на социјалните мрежи, откако келнерка се пожалила дека гостите ѝ оставиле бакшиш од само пет центи по сметка од 26,70 евра.
Приказната започнала со објава на Инстаграм профилот „Подгорички времеплов“, каде келнерката го споделила своето разочарување од симболичниот износ што го оставиле двајца странски гости. Нејзината реакција брзо се проширила низ регионот и повторно ја отвори старата дебата – дали бакшишот е знак на почит кон услужниот персонал или само личен избор на гостинот.
„Работам во ресторан како келнерка. Двајца странци седнаа на масата, јадеа и пиеја, а кога дојде време за плаќање, им го вратив остатокот од парите. Откако си заминаа, се приближив до масата и видов дека ми оставиле бакшиш од само пет центи. Бев навистина шокирана“, напишала таа.
Сепак, наместо очекувана поддршка, нејзината објава предизвика жестока дискусија. Голем дел од корисниците застанаа на страната на гостите, нагласувајќи дека бакшишот не е законска обврска, туку доброволна одлука.
„Никој не е должен да остави бакшиш. Тоа е добра волја, а не правило“, бил еден од коментарите што привлекол внимание.
Други корисници посочиле дека често постои незадоволство кај вработените во угостителството, но дека не секогаш се зема предвид целата слика.
„Работам во кујна и никогаш не добивам дел од бакшишот што го земаат келнерите. Често кујната останува на страна, а токму ние сме дел од целиот процес“, напишал еден корисник.
Дел од коментаторите сметаат дека келнерите не треба да очекуваат дополнителни пари, бидејќи за својата работа веќе добиваат плата.
„Ако некој сака да остави бакшиш, тоа е убав гест, но не може да се бара како обврска“, стои во еден од коментарите.
Случајот повторно ја поттикна и дискусијата за големите сметки во туристичките места, откако дел од корисниците го споредија со неодамнешен пример од фестивалот Ултра Европа во Хрватска.
Таму, според тврдењата на вработени во угостителството, гостин во ВИП зоната нарачал 45 шишиња „Дом Перињон Луминус“ во текот на две вечери, со сметка поголема од 40.000 евра, но наводно не оставил никаков бакшиш.
Така, приказната од Тиват повторно го отвори прашањето кое секоја туристичка сезона предизвикува поделени реакции: дали бакшишот е основна култура на благодарност или сепак останува целосно личен избор на секој гостин.









