Необична и непријатна ситуација се случила за време на протестите во Париз, кога осумгодишно момче, кое било на улица заедно со својот татко, во директно вклучување на францускиот јавен радио-сервис го навредило претседателот Емануел Макрон. По негативните реакции во јавноста, раководството на информативниот канал „Франс инфо“ денеска упатило извинување.
Настанот се случил за време на вчерашното известување од протестите, кога новинарка на „Франс инфо“ разговарала со таткото на момчето. Тој објаснил дека на протестната прошетка дошол за да ја поддржи младината, особено средношколците и студентите, пренесува „Фигаро“.
Таткото изразил надеж дека владата ќе има повеќе разбирање за барањата на студентите, посочувајќи дека претседателот Макрон не ги слуша младите.
„Единствениот што не слуша е Макрон. Макроне, мораш да ги слушаш младите луѓе, тоа е најважно“, изјавил тој, додавајќи дека сака францускиот претседател што поскоро да ја напушти функцијата.
Момчето продолжило со навредите и покрај обидот на новинарката да ја смири ситуацијата
Потоа новинарката му дала можност и на осумгодишното момче да објасни зошто учествува на протестот. Детето одговорило дека смета оти Макрон е „кретен“, а навредливи зборови упатило и кон полицијата.
Кога новинарката се обидела да ја ублажи ситуацијата, посочувајќи дека можеби не е соодветно да се користат пцовки во програма во живо, момчето продолжило со навредливите изјави за францускиот претседател.
На крајот, таткото ја прекинал дискусијата, велејќи дека веќе нема што да ѝ каже на новинарката.
„Франс инфо“ се извини за вклучувањето на детето
Случајот предизвикал негативни реакции, особено поради тоа што на осумгодишно дете му било овозможено во живо да коментира политички настан и да упатува навреди.
Поради реакциите, раководството на „Франс инфо“ објавило извинување, признавајќи дека не требало да му даде таква можност на детето.
„Раководството на Франс инфо жали што едно дете изнесе навредливи коментари во живо за време на демонстрациите. Иако водителот реагираше на тие коментари, не требаше да му дадеме простор на детето. Упатствата во врска со ова повторно се нагласени“, се наведува во соопштението.
Протести четврти викенд по ред
Демонстрациите се одржаа во Париз и во други делови на Франција, четврти викенд по ред. Граѓаните протестираат поради високите трошоци за живот, намалената куповна моќ и бараат реформи и поголеми инвестиции во образовниот систем.
Според проценките на синдикатите, во протестната поворка во Париз учествувале околу 75.000 луѓе. На национално ниво, бројот на демонстранти се проценува на меѓу 146.000 и 250.000 лица.








