Непријатен инцидент го одбележа почетокот на летната сезона во Пефкохори, едно од најпосетуваните летувалишта на Халкидики меѓу македонските туристи. Дел од крајбрежјето беше погоден од излевање отпадни води по дефект на цевковод за транспорт на канализација, поради што локалните власти воведоа привремена забрана за капење.
Фотографии и видеа од местото на настанот брзо се проширија на социјалните мрежи, прикажувајќи делови од морето со кафеава боја наместо препознатливата тиркизна нијанса.
Според Општина Касандра, проблемот бил забележан на 11 јуни кога дошло до пукање на цевковод што ги транспортира отпадните води до постројката за пречистување. Надлежните служби веднаш интервенирале, го запреле истекувањето и го санирале дефектот, а паралелно биле спроведени активности за чистење и дезинфекција на погодената зона.
Забраната за капење е воведена во дел од плажата кај плажниот бар „Акротири“, во радиус од околу 200 метри од двете страни на местото каде што се случил инцидентот. Ограничувањето ќе остане во сила сè додека лабораториските анализи не потврдат дека водата повторно е безбедна за капење.
Властите појаснуваат дека не станува збор за директно испуштање канализација во морето, туку за дефект на транспортен цевковод, поради што дел од отпадните води преку околниот терен и поток стигнале до морето.
Инцидентот предизвика загриженост кај туристите кои веќе престојуваат во Пефкохори, а сите очи сега се вперени кон резултатите од анализите кои треба да покажат кога погодениот дел од плажата повторно ќе биде отворен за капење.









