Предлог-измените на Законот за оружје предизвикаа дебата на денешната јавна расправа во Собранието, каде претставници на институции, комори и експерти ги изнесоа своите ставови и забелешки за новото законско решение.
Според предлагачите, измените имаат цел да ја усогласат домашната регулатива со европските стандарди и да воведат појасни правила за набавка, поседување, носење, чување и промет на оружје и муниција.
Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека предложениот закон е усогласен со релевантната легислатива на Европската Унија и претставува чекор кон понатамошно унапредување на правната рамка во оваа област.
Една од клучните новини е ограничувањето на бројот на парчиња оружје што може да ги поседува едно физичко лице на најмногу десет.
Сепак, дел од присутните изразија незадоволство од одредени решенија. Од Комората за приватно обезбедување реагираа дека не биле консултирани при подготовката на законот, а посебно забележаа на предлогот дозволите за оружје наместо десет да важат пет години.
Поддршка за измените дадоа и од Групацијата за оружје при Стопанската комора, но предупредија дека новите обврски ќе создадат дополнителни административни трошоци за компаниите.
Експертите, пак, апелираа во законскиот текст попрецизно да се дефинира категоријата спортско оружје и условите за негово користење.
Законот за оружје е донесен во 2005 година, а во изминатите две децении бил изменет и дополнет дури 15 пати.









