Во потресно сведоштво објавено од Палестинскиот центар за човекови права (PCHR), неодамна ослободена Палестинка открила детали за страшна тортура и сексуално злоставување што го доживеала во израелските затвори. Жената, идентификувана како N.A. (42), раскажала дека четири пати била силувана од израелски војници, додека била држена во притвор по нејзиното апсење во ноември 2024 година на контролен пункт во северна Газа.
Според документите на PCHR, нејзиното сведоштво открива систематска и организирана злоупотреба – сексуално насилство, присилно соблекување, снимање без облека, електрични шокови и физичко малтретирање. Центарот истакнува дека ваквите практики не се изолирани случаи, туку дел од поширока политика на понижување и уништување на човечкото достоинство на палестинските притвореници.
Жената опишала сцени од незамислив ужас: „Ме натераа да се соблечам, ме ставија на метална маса и ми ги врзаа рацете. Ми ги разделија нозете, и еден од нив ме силуваше додека ме удираа по грбот и главата. Врескав, но тие продолжија. Секој миг посакував да умрам.“
По нападот, како што сведочи, била оставена гола и врзана со часови, без вода и без помош. „Третиот ден ме снимаа гола, а еден од војниците рече дека ќе ги објави снимките на интернет“, додава таа.
Центарот наведува дека злоставувањето не било ограничено само на жени – и машки притвореници биле цел на сексуално насилство и тортура. Еден од нив, 18-годишниот М.А., опишал дека израелските војници ги принудиле него и уште шест други притвореници да клекнат, по што ги злоставувале со шишиња.
Во своето соопштение, PCHR бара итна интервенција на меѓународната заедница, повикувајќи на крај на систематската политика на тортура и присилни исчезнувања. Тие апелираат Израел да ги ослободи сите произволно притворени Палестинци и да дозволи неограничен пристап на Меѓународниот Црвен крст до сите затвори.
Дополнително, центарот предупредува дека илјадници Палестинци се изложени на ризик од сигурна смрт поради новиот закон одобрен од израелскиот Кнесет, со кој се воведува смртна казна за палестински затвореници обвинети за „тероризам“. Законот е усвоен во првото читање со 39 гласа „за“ и 16 „против“, што предизвика нов бран реакции и осуди низ светот.















