Трагедија го потресе Лондон откако петгодишно момче загина за време на роденденска забава на мини голф терен, кога ненадејно се урнал ѕид и го затрупал. Настанот се случил во неделата, на 9 ноември, околу 17:40 часот, додека неколку деца играле на теренот.
Сведоци изјавиле дека забавата се одвивала во весела атмосфера, кога одеднаш дел од ѕидот се срушил и паднал врз децата. Петгодишното момче претрпело сериозни повреди на главата и со хеликоптер било итно пренесено во болница во критична состојба. За жал, по два дена, лекарите не успеале да му го спасат животот.
Шестгодишно девојче кое исто така било во близина при уривањето, добило полесни повреди и по укажаната помош било пуштено дома.
Од мини голф теренот каде што се случила трагедијата велат дека се „длабоко потресени и ожалостени“ од несреќата. „Длабоко сме ожалостени од загубата на ова дете и изразуваме искрено сочувство до неговото семејство. Целосно соработуваме со властите и правиме сè што е во наша моќ за да помогнеме“, изјавил портпаролот на објектот.
Полицијата веднаш го оградила местото на настанот и започнала истрага за да се утврди како дошло до уривањето на конструкцијата. На терен се и инспектори за здравје и безбедност, кои ќе проверат дали биле почитувани сите безбедносни стандарди.
„На местото на настанот им пруживме помош на две повредени лица, од кои едното беше тешко повредено. Двете деца беа однесени во болница, а момчето, за жал, подоцна почина“, соопштија од службата за брза помош.
Мини голф терените се затворени и ќе останат недостапни за посетители во наредните денови, додека трае истрагата за причините и евентуалната одговорност за оваа голема трагедија што го потресе целиот свет.
















