Трагедија ја потресе јужна Америка откако меѓуградски автобус излета од патот и падна во клисура длабока 200 метри во округот Окоња, во покраината Камања, Перу. Според првичните информации, најмалку 37 лица го загубиле животот, а повеќемина се повредени во стравичната несреќа.
Инцидентот се случил на километар 780 од Пан-американскиот автопат – еден од најпрометните патишта во земјата. Автобусот припаѓал на транспортната компанија „Љамосас“, кој тргнал од градот Чале во покраината Каравели кон главниот град Арекипа.
Според првичните истраги, трагедијата започнала кога автобусот удрил во пикап возило, по што возачот изгубил контрола и паднал во бездна длабока 200 метри. Полицијата потврди дека возачот на пикапот е приведен и се испитува дали бил под дејство на алкохол во моментот на несреќата.
На местото на трагедијата веднаш пристигнале полиција, пожарникари и спасувачки екипи кои со часови се борат да ги извлечат телата на настраданите и да им помогнат на повредените. Локалните власти потврдија дека сите болници во регионот Арекипа се ставени во состојба на готовност за прием на повредените патници.
Автопатот останува целосно затворен за сообраќај додека траат операциите за спасување и расчистување на местото на несреќата.
Компанијата „Љамосас“ сè уште не излегла со официјален список на патници, а семејствата на загинатите и исчезнатите очајно чекаат информации пред полициските станици и автобуските терминали.
Локалните медиуми објавија потресни снимки од местото на трагедијата – урнатини од автобусот распослани по стрмниот планински терен и спасувачи кои се обидуваат да стигнат до телата на патниците во тешко пристапната клисура.
Официјалните причини за несреќата се сè уште предмет на истрага, но според властите, лошите временски услови и можната брзина на автобусот се меѓу најверојатните фактори што довеле до оваа страшна трагедија.
















