Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски вечерва во емисијата „Топ Тема“ потврди дека Македонија и Бугарија конечно постигнале конкретен договор за изградба на заедничкиот железнички тунел, кој е дел од Коридорот 8.
Николоски изјави дека тендерот за делницата од Крива Паланка до границата ќе биде објавен во декември, а бугарската страна ќе вложи 1,2 милијарди евра во својот дел од проектот. Според него, проблемот кој со месеци го забавуваше проектот не бил политички, туку инженерски, и сега конечно е решен.
„Не успеа намерата на поединци во Бугарија да направат политички проблем од инженерски проект. Сега имаме јасен договор, а гарант за тоа се Европската Унија и САД“, нагласи Николоски.
Тој објасни дека клучниот напредок бил постигнат на состанокот во Истанбул, каде што двете страни се усогласиле околу сите прашања. „Таму го презентирав проектот што го има изработено Македонски железници за целиот тунел, тие го разгледаа и го прифатија. Очекувам во декември да го распишеме тендерот за делот до границата“, додаде Николоски.
Од бугарска страна, вицепремиерот Караџов се обврзал на инвестиција од 1,2 милијарди евра, најголем дел насочени кон реконструкција на постојната инфраструктура и делот од Ѓуешево до граница.
Николоски посочи дека проектот има и геостратешко значење, бидејќи е поддржан од НАТО и САД, додавајќи дека железничката врска е од клучна важност за снабдување на Украина и идни инфраструктурни проекти во регионот.
„Овој коридор е важен за снабдување на Украина. Од Бургас до Одеса патувањето со брод е кратко, а железницата овозможува евтин транспорт кој може да се користи и при реконструкција на Украина или при натамошни активности за одбрана“, рече Николоски.
Покрај железницата, две земји ќе градат и експресен пат и автопат до Деве Баир, што, како што нагласи Николоски, првпат во историјата се случува.
Дополнително, Македонија и Бугарија се договориле да ги спојат Коридорот 10 и бугарскиот Коридор „Струма“, што ќе создаде нова експресна врска од Македонија преку Смоквица, Валандово, Струмица и Ново Село. Проектот ќе биде финансиран преку евтини кредити и грантови од Европската Унија и Европската инвестициска банка.















