Инспекцискиот надзор во психијатриските одделенија на Општата болница во романскиот град Тарнавен открил сцени што потсетуваат на филмски хорор. Пациенти биле сместени во екстремно нехигиенски услови, креветите биле покриени со пластика наместо со чаршафи, а дел од нив дури биле врзани за креветите, додека други биле принудувани да ги чистат тоалетите. Овие шокантни детали ја предизвикаа реакцијата на јавноста и целосен потрес во здравствениот систем на земјата.
Откако скандалот изби во медиумите, вработените во болницата поднесоа колективни оставки, тврдејќи дека биле изложени на притисок од јавноста и дека обвиненијата не ја отсликуваат реалната состојба. Директорката на болницата, Сузана Мегешан, изјави дека оставките биле израз на револт поради „неправедните обвинувања“ и дека тие се засноваат исклучиво на негативни аспекти на работата.
„Заедно со раководителите и медицинските сестри успеавме да воспоставиме дијалог. Одлуката за оставките не произлегува од непрофесионализам, туку од чувството на неправда“, рече Мегешан, пренесува „Јуроњуз Романија“.
Инспекцијата, спроведена од 7 до 9 ноември 2025 година, била дел од националната програма за надзор на здравствените и социјалните установи. Според Центарот за правни ресурси (CRJ), кој го поднесе извештајот, условите во болницата биле неопишливо нехумани – валкани душеци, пациенти без постелнина, завиткани во пластика и во некои случаи дури и физички ограничени.
Во извештајот се наведува дека десетици пациенти биле сместени во пренатрупани простории, додека некои од нив биле принудени да извршуваат физичка работа, вклучувајќи и чистење на тоалети.
Иако болницата тврди дека „медицинската дејност се одвива под редовни услови“ и дека пациентите добиваат постојана нега и стручна поддршка, извештајот на инспекцијата го покажува спротивното.
Министерот за здравство на Романија, Александру Рогобете, реагираше веднаш, изјавувајќи дека е запознаен со случајот и дека наредил итна контрола во округот Муреш. Тој најави дека по завршувањето на деталната истрага ќе следуваат соодветни мерки против сите одговорни лица.
Скандалот отвори нови прашања за условите во психијатриските институции низ Романија и за тоа колку се почитуваат основните човекови права на лицата со ментални нарушувања.














