Претседателот на Македонската асоцијација за човечки ресурси и основач на бизнис инкубаторот „Степап“, Дарко Петровски предупреди дека економската криза во Европа веќе сериозно се одразува врз Македонија. Според него, повлекувањето на големи инвеститори од индустриските зони е јасен сигнал дека земјата влегува во период на неизвесност и дека потребна е итна реакција.
„Рецесијата не е само во Германија, таа се шири низ цела Европа. Последиците се чувствуваат и кај нас – имам информации дека дел од големите инвеститори кои работеа во индустриските зони се повлекуваат и ги затвораат своите капацитети“, изјави Петровски.
Тој објасни дека најмногу страдаат компаниите поврзани со германската индустрија, бидејќи со падот на побарувачката на странските пазари, домашните фирми остануваат без работа и со празни производни линии.
„Интересно е што во исто време фирмите велат дека немаат доволно луѓе. Тоа не значи дека нема работна сила, туку дека недостигаат соодветно квалификувани кадри. Проблемот е во прилагодливоста на работниците, не во нивниот број“, додаде тој.
Петровски нагласи дека трудовиот пазар во Македонија се наоѓа во парадоксална ситуација – постојат позиции што никој не сака да ги работи, додека за други има преголем број пријавени. Овој дисбаланс, како што предупреди, може да доведе до сериозни структурни проблеми во економијата доколку државата и бизнис-секторот не реагираат навреме.















