Фудбалската експедиција на Бешикташ поминала низ непријатни моменти на патувањето кон Грузија, каде што турскиот клуб треба да го одигра натпреварот против Хапоел Бер Шева во Лига Европа.
Поради силното невреме, авионот со кој патувале фудбалерите не успеал да слета во Батуми. Според информациите на турските медиуми, леталото неколкупати било погодено од гром, а силните турбуленции дополнително ја вознемириле екипата.
Пилотот одлучил да го пренасочи летот кон турскиот аеродром Ризе-Артвин, каде што авионот безбедно слетал.
„Сите бевме исплашени, но успеавме да го пребродиме тоа. На крајот, поминавме само со страв“, изјавил директорот на клубот, Ондер Озден.
По безбедното слетување, експедицијата на Бешикташ го продолжила патувањето кон Батуми со автобус.
Натпреварот против Хапоел Бер Шева ќе се игра во Грузија, откако УЕФА го премести од Истанбул поради безбедносните и политичките тензии поврзани со гостувањето на израелскиот клуб во Турција.







