Ако одбојкар ја прими топката и таа удри во таванот на салата, неговиот тим сè уште може да го освои поенот. Според новото правило, играта продолжува ако топката го допре таванот при првиот или вториот контакт на екипата и остане на нејзината страна од теренот.
Ова е една од измените што Меѓународната одбојкарска федерација (ФИВБ) ги усвои на својот 40. конгрес во Пунта Кана, Доминиканска Република. За тренерите, значајна промена се осумте дозволени замени по сет. Досега имаа право на шест, а со двете дополнителни замени ќе имаат повеќе простор да го сменат составот и во завршницата на сетот.
За натпревар ќе може да се пријават од 12 до 14 одбојкари, а конечниот список ќе се доставува најдоцна еден час пред почетокот. При сервис, играчите ќе треба да го почитуваат редоследот на ротацијата во моментот на судискиот сигнал, а потоа ќе имаат поголема слобода да се распоредат на теренот.
Промена што ќе ја забележи и публиката е тоа што некои поени ќе завршуваат без свиреж. Кога топката очигледно е во аут или сервисот не ја поминал мрежата, судијата нема да мора да свирне. Тренерите, пак, ќе можат да му пријдат на првиот судија за да побараат објаснување за одлука или да појаснат што точно бараат да се провери на видеоснимката.









